За експресно брзо време распородадени се сите билети за дуелот меѓу Македонија и Германија кој на 11 октомври ќе се игра на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје. Ова е меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар.
Македонија уште има шанса за пласман на Мундијалот, а, секако, дуелот против четирикратниот светски првак ќе биде еден од најважните. Нашите фудбалери еднаш веќе се радуваа против најтрофејната европска репрезентација, откако на дуелот во Дуисбург победивме со 2:1. Сега сите се надеваме дека тоа чудо може да се повтори и во Скопје.
„Фудбалската федерација на Македонија преку официјалниот партнер за продажба на билети MKTickets пушти во продажба половина од капацитетот на Националната арена, колку што дозволуваат здравствените протоколи за заштита од корона-вирусот. Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и навивачи на македонската репрезентација да ги почитуваат препораките за заштита од вирусот и со фер и коректно навивање да бидат поддршка за Македонија да дојде до вредни бодови и дополнително да се приближиме кон врвот во квалификациската група за СП“, известија од ФФМ.
Македонија утре игра против Лихтенштајн на гости, а потоа експедицијата ќе се врати во Скопје за дуелот против Германија, кој се игра в понеделник.