Реал синоќа го загуби и петтoтo Ел Класико во последните шест дуели со Барселона, но покрај убавата сума што ја заработија само за настап, мадридскиот клуб има причини и за дополнително задоволство и покрај поразот во финалето.
Реал наскоро ќе финализира еден од најамбициозните финансиски договори во историјата на Кралскиот клуб, а тоа е обновувањето на главните спонзорски договори со Fly Emirates, Adidas и HP.
Информацијата ја откри Хозе Феликс Дијас, директор на мадридскиот „АС“, кој нагласува дека најитен потег е обновувањето на договорот со Fly Emirates, главниот спонзор на сениорскиот фудбалски тим и на кошаркарскиот тим на Реал.
Тековниот договор истекува на 30 јуни, а познатата авиокомпанија моментално плаќа меѓу 70 и 80 милиони евра по сезона за тоа нивното лого да се појавува на предната страна на дресот на Реал.
Со новиот договор таа бројка првпат ќе надмине 100 милиони евра годишно, износ со кој Реал ќе се најде на самиот врв на спортското спонзорство.
Компанијата за спортска опрема Adidas исто така ќе го зголеми својот ангажман, а Германците плаќаат околу 120 милиони евра по сезона за носење на нивните дресови.
Третиот спонзорски столб на Реал е HP, чие лого е на ракавите на дресовите, и се очекува со новиот договор и оваа компанија да го зголеми својот спонзорски ангажман.
Кога сè ќе се собере, Реал ќе достигне бројка од 300 милиони евра по сезона само за рекламирање на спонозорите на дресот.

