Без повредениот Кендрик Нан, Панатинаикос не успеа да се спротивстави во Минхен и доживеа пораз од Баерн со 85-78. Германскиот тим, предводен од Светислав Пешиќ, ја забележа осмата победа сезонава во Евролигата, додека гостите од Атина го запишаа деветтиот пораз во 22 кола.
Иако Панатинаикос во најголем дел од натпреварот имаше мала резултатска предност, Баерн одигра одлична последна четвртина. Клучен момент беше тројката на Ретан-Мејс со која домаќините поведоа со 67-66, а потоа Џесап погоди за 73-70.
Гостите преку Слукас и Осман се обидоа да се вратат, но Андреас Обст ги скрши нивните надежи со две важни тројки во завршницата и го реши прашањето околу победникот.
Натпреварот го одбележаа и две непријатни ситуации, најпрво Стефан Јовиќ силно падна и удри со главата во паркетот, по што мораше да ја напушти играта, а потоа и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ накратко излезе поради сличен пад, откако удри со глава во паркетот.
Најефикасен кај Баерн беше Џесап со 16 поени без промашување од игра, додека Обст заврши со 15. Ненад Димитријевиќ го заврши мечот со девет поени и пет асистенции, а Ти-Џеј Шортс уфрли осум поени за ПАО.
Кај Панатинаикос најмногу се истакнаа Осман со 20 и Грент со 17 поени.

