Ненаситниот Роналдо постави нов светски, и еден европски рекорд

Кристијано Роналдо на синоќешниот пријателски натпревар помеѓу репрезентациите на Португалија и Катар, постави еден светски, и еден европски рекорд во интернационалниот фудбал.

Со голот кој го постигна во победата од 3-0, тој го подобри својот светски рекорд, и сега може да се пофали дека постигнал гол против дури 46 различни селекции. Катарците се 46-тиот ривал на Португалија против кој најдобриот стрелец во историјата има дадено гол на официјални или пријателски средби. За споредба, Лионел Меси за Аргентина има давано гол против 29 противници во кариерата. Сепак, за Меси отежнувачка околност е што во Јужна Америка има помалку можни противници отколку во Европа.

Роналдо синоќа стана и европски рекордер по бројот на одиграни мечеви за национален тим. Тоа му беше 181-ви настап во дресот на Португалија, и сега е осамен лидер на таа вечна листа. Шпанецот Серхио Рамос е на 180 меча за Црвената фурија. Светски рекордер е Сох Чин Ан, кој одиграл 219 меча за Малезија, но ФИФА не ги брои дуелите од олимписките игри, па бројката на Ан е 195.

- Оглас -

Најнови вести