Репрезентацијата на Албанија стигна до првите бодови во квалификациите за Светско првенство откако со 3:0 ја победи Андора. Иако гостуваше аутсајдерот Андора, трибините на стадионот во Тирана беа речиси целосно исполнети.
На теренот немаше никакви драми и неизвесност, но сепак на трибините беше малку понемирно. Во последните неколку недел трае „војна“ меѓу дел од навивачите со челниците на Фудбалската федерација на Албанија.
Дел од фановите се незадоволи поради тоа што Албанија прифати да биде коорганизатор на Европското првенство за играчи до 21 година и тоа заедно со Србија. Најгласна во негодувањето беше навивачката група на Tifozat Kuq e Zi. На оваа навивачка група ѝ беше забрането да купи и да добие карти за дуелот против Андора, но сепак дел од најжестоките членови на оваа група се најдоа на трибините на дуелот против Андора.
Кога започна мечот, навивачите почнаа масовно да си заминуваат од трибината во знак на револт кон челниците на Федерацијата на Албанија. Со овој потег, навивачите сакаа да покажат дека како велепредавство ја сметаат одлуката Албанија заедно со Србија да бидат коорганизатори на ЕП за играчи до 21 година.
Интересно е дека Албанија и Србија се во иста група во квалификациите за СП 2026 година. Токму во следното, трето коло, кое ќе се игра во јуни, Албанија ќе биде домаќин на Србија во квалификациите.