На приредбата УФЦ 290 во која главна борба беше таа меѓу Александар Волкановски и Јаир Родригес, одличен настап имаше и Дрикус ду Плесис кој го нокаутира поранешниот шампион во средна категорија, Роберт Витакер, а потоа одбработи соочување со актуелниот шампион, кој пак ги загуби нервите.
Имено, по победата на Ду Плесис, за време на интервјуто со коментаторот Џо Роган, во октагонот влезе актуелниот УФЦ-шампион во средна категорија, Израел Адесања, го прекина разговорот и го навредуваше на расна основа борецот од Јужна Африка.
Адесања кој по потекло е од Нигерија, но живее во Нов Зеланд, го навредуваше Ду Плесис со зборовите „црнец“ и му викаше „мој африкански брат“
Нетрпеливоста меѓу овие двајца ММА борци трае откако Ду Плесис потпиша за УФЦ и најави дека ќе стане првиот африкански шампион во УФЦ. Тој тогаш појасни дека Израел Адесања, Франсис Нгану и Камару Усман иако се родени во Африка, долги години живеат надвор од овој континент.
Овие зборови тешко му паднаа на Адесања и затоа утринава направи голем испад и се посрамоти, упатувајќи навреди на расна основа кон Ду Плесис кој нема пораз во УФЦ. Борецот од Јужна Африка одлучи да не реагира на навредите на Адесања, се тргна и почна да слави со навивачите.
Иако медиумите го осудија овој потег на Адесања, повеќе од извесно е дека војната на зборови му се допаѓа на првиот човек на УФЦ, Дејна Вајт, кој останува да одреди термин за борба за титулата во средна категорија меѓу Адесања и Ду Плесис.