Манчестер јунајтед не успеа да го победи Борнмут на „Олд Трафорд“ во највозбудливиот меч одигран во 16-тото коло на Премиер лигата. По многу пресврти, на крајот дуелот заврши 4:4.
Манчестер јунајтед водеше со 2:1, но Борнмут фуриозно започна во второто полувреме и во првите седум минути постигна два гола за водство на гостите од 3:2. Потоа следуваше период на Црвените ѓаволи кои постигнаа два гола, па Манчестер јунајтед поведе со 4:3 во 79-тата минута.
Тоа не беше крајот на возбудувањата затоа што Борнмут со гол во 84-тата минута израмни на 4:4. Двата тима имаа шанси да победат, но на крајот се задоволија со освоен бод. Со ова реми, Манчестер јунајтед продолжи една неверојатна низа. Делува нереално, но Манчестер јунајтед од мај 1984 година до денеска нема пораз на меч во првенството на „Олд Трафорд“, кога имал водство на полувреме.
Серијата покажува дека Манчестер во последните 41 и пол година во првенството на Англија кога играл на својот „Олд Трафорд“, на полувреме водел на 388 натпревари, а на крајот победил на 355, додека 33 завршиле нерешено, а нема ниту еден пораз.


