Оваа сезона во македонскиот фудбал може да донесе пресликување на она што се случуваше пред цели 32 години, во 1993/1994.
Денешната победа на Охрид против Вардар во Купот носи повторување на историјата од пред 32 сезони, и тоа на неколку работи. Крајот на сезонава ќе покаже до која мерка ќе се повторат работите, но во моментов има многу елементи за такво нешто.
Во 1993/94, која беше втора сезона по осамостојувањето на Македонија, титулата во првенството ја освои Вардар, Купот му припадна на Силекс, а Охрид влезе од втора во прва лига и играше полуфинале на Купот.
Слично е и сега: Вардар е прв на табелата и има добри шанси за шампионска титула, Силекс уште е во игра за трофејот во Купот (во четвртфинале, а и евентуално полуфинале и финале може да игра со второлигаши), додека охриѓани пак се полуфиналисти во Купот, први се во Втората лига и имаат реална шанса да влезат во елитата исто како пред 32 години.

