-1.2 C
Skopje
петок, 2 јануари 2026

Незадоволниот Родриго се подготвува за заминување од Реал Мадрид

Бразилскиот напаѓач Родриго сè поотворено размислува за можноста да ги напушти редовите на Реал Мадрид. Силната конкуренција во офанзивната линија на „Сантијаго Бернабеу“ го турка 24-годишниот фудбалер во втор план што предизвикува сè поголемо незадоволство кај него.


Во меѓувреме, ситуацијата будно ја следат неколку премиерлигашки гиганти, меѓу кои Ливерпул, Арсенал и Манчестер сити.

Родриго е дел од Кралскиот клуб од 2019 година и е на чекор од 300 официјални настапи, со ефект од околу 70 погодоци и бројни трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите. Сепак, во актуелните планови на тренерот Чаби Алонсо, напаѓачките позиции се резервирани за ѕвезди како Винисиус јуниор, Килијан Мбапе и Џуд Белингам, што значително ја ограничува минутажата на Бразилецот.

И покрај реномето и квалитетот, оваа сезона Родриго започна само седум натпревари и постигна два гола, бројки кои не одговараат на неговиот потенцијал.

Шпанскиот весник „Спорт“ открива дека Родриго веќе ги анализира следните чекори во кариерата и води разговори со двајца реномирани супер-агенти кои би можеле да го преземат менаџирањето на неговите интереси. Досега за тоа беше задолжен неговиот татко, Ерик Гоес, кој не е лиценциран агент, а односите со челниците на Реал наводно се влошиле во последната година.

Во моментов не се разгледува трансфер во зимскиот преоден рок, туку плановите се насочени кон долгорочно сценарио, при што Родриго би останал во Реал Мадрид најмалку до крајот на сезоната 2025/26.

И покрај шпекулациите, Реал Мадрид не покажува подготвеност да се откаже од Бразилецот. Чаби Алонсо во повеќе наврати потенцираше дека Родриго има важна улога во тимот, иако признава дека не секогаш е лесно да му се најде место во стартниот состав.

„Има многу гласини, но тој работи одлично. Сакам да биде целосно посветен и да дава максимум. Верувам во сите играчи кои секојдневно тренираат со нас“, изјави Чаби Алонсо, додавајќи дека никој не се сомнева во квалитетот и карактерот на Родриго, туку само се чека моментот кога ќе ја прекине голгетерската криза.

Доколку сепак дојде до разделба, интересот нема да изостане. Арсенал, Манчестер Сити и Ливерпул уште минатото лето ја следеа неговата ситуација. Пеп Гвардиола отворено го пофали Родриго по еден дуел во Лигата на шампионите, нарекувајќи го „играч од друго ниво“.

Иако Манчестер сити е блиску до ангажман на Антоан Семењо од Борнмут, Арсенал би можел да тргне по Родриго, доколку Габриел Мартинели го напушти клубот, додека во Ливерпул иднината на Мохамед Салах сè уште е неизвесна.

- Оглас -

Најнови вести