Шампионот Вашингтон не успеа да го искористи домашниот терен и во мајсторката со Каролина загуби со 3:4 по продолженија и се прости од титулата во НХЛ-лигата.
Серијата изненадувања во првото коло во плејофот во Источната конференција го комплетира Каролина со елиминација на актуелниот првак. Претходно, редум испаѓаа најдобрата екипа од регуларниот дел Тампа Беј, потоа и шампионот од сезоните 2015/16 и 2016/17 Питсбург, а ноќеска и актуелниот шампион се прости од одбраната на титулата.
Капиталс водеа со 2:0 и 3:1, но и тоа не беше доволно за победа во седмиот меч и пласман понатаму. Каролина го има вистинскиот човек за продолженија, рекордерот во такви ситуации, Џастин Вилијамс. Токму тој му асистираше на Мек Гин за победничкиот гол во 32-рата минута од продолжението и го забележа рекордниот 15-ти поен во кариерата, кога играл седми меч. Никој во историјата на НХЛ нема повеќе поени од Вилијамс, хокеар кој има биланс од 9:1 во победи во седми одлучувачки меч.
DOUBLE OT WIN FOR THE @NHLCanes FROM @BrockMcGinn21! #StanleyCup pic.twitter.com/Ye1Yxly8kf
— NHL (@NHL) April 25, 2019
Вашингтон е четвртиот шампион во последните 9 години што испаднал во првото коло на плејофот, отако претходната сезона ја освоил титулата и сите елиминации се во мајсторка, односно во седми меч.
Каролина ќе игра за финале во Источната конференција против Њујорк ајландерс, а второто полуфинале е меѓу Бостон бруинс и Колумбус блу џекетс.
Во Западната конференција, Сан Хозе шаркс ќе имаат предност на домашен терен во серијата со Колорадо авеланш, а Сент Луис блус ќе игра со Далас старс за пробив во финалето.