Ни Модриќ нема да игра против Наполи, Анчелоти ги кара новинарите дека многу „плачат“ по повредените

Реал Мадрид на утрешниот меч од Лигата на шампионите против Наполи нема да смета на осуммина фудбалери, а меѓу нив и Лука Модриќ, кој се повреди против Кадис, но повредата не е сериозна и Хрватот може да се врати викендов на домашниот меч против Гранада или после тоа на пресметката со Бетис во Севилја на 9 декември.

Тренерот Карло Анчелоти периодов има големи проблеми околу составувањето на тимот, а особено проблем е тенката клупа на која има доста младинци. Така ќе биде и утре, но Анчелоти не кука.

„Мислам дека премногу се зборува за оние кои се повредени и не може да помогнат. Според мене, тоа е непочитување кон оние што се здрави и играат. Сакам да зборуваме за тие што ќе играат“, рече Анчелоти на денешната прес-конференција.

„Сакам да го победиме Наполи, но не од некаков реванш или одмазднички причини. Го сакам и тој клуб како и сите други мои поранешни клубови“, додаде Анчелоти.

Интересен беше делот и околу иднината на Италијанецот на клупата на Кралскиот клуб.

„Дали ќе останам во Реал и следната сезона? Ќе ти дадам шанса да ми поставиш и друго прашање“, му кажа Дон Карло на новинарот, а потоа на шега рече дека со Даниел Карвахал се „договориле“ да останат во Реал до 2030 година.

- Оглас -

Најнови вести