Никако да го прекине „постот“: Трајковски е во длабока гол-криза

Александар Трајковски се наоѓа во длабока голгетерска криза каква што ја немал досега во неговата кариера.

Репрезентативниот напаѓач никако да се врати во препознатливата форма која го красеше во Палермо, Зулте Варегем и Интер Запрешиќ.

По неславната авантура во Мајорка, која беше главната причина за ваквиот развој на настаните, Алекс не може да ја пронајде некогашната форма и во Алборг, каде што на шест одиграни натпревари има само една асистенција, што, секако, е премалку.

Додуша, не сите натпревари ги одигра целосно, нешто што се случи и денеска. Алборг беше декласиран од Виборг на домашен терен со 2:5, а Трајковски излезе на полувремето при резултат 1:2 за гостите.

Македонскиот репрезентативец последен пат за еден од клубовите што настапуваше погоди на шести јануари, кога во дресот на Мајорка даде гол против Фуенлабрада во рамките на Купот на Шпанија.

За селекцијата на Македонија, пак, последен пат се запиша во листата на стрелците против Лихтенштајн во март, каде што беше стрелец на два од петте погодоци.

- Оглас -

Најнови вести