Легендарниот фудбалер Синиша Михајловиќ минатата недела почина откако ја загуби битката со тешката болест леукемија. Михајловиќ имаше само 53 години, а беше ценет не само во Србија и во Италија туку во целиот свет.
На погребот во Рим присуствуваа повеќе од 2.000 луѓе, од кои голем дел беа познати спортисти и други јавни личности. Меѓу нив беше и Новак Ѓоковиќ, кој бил еден од последните што го посетиле Михајловиќ во болница, а никој не знаел за таа посета. Ова го открива италијанскиот новинар Симоне Монари во познатиот весник „Република“.
„На изненадување на Синиша, Новак Ѓоковиќ сакал да дојде и да го прегрне. Ноле направил сè што може за да го утеши и да го насмее. Разговарале за сезоната на Ѓоковиќ, проблемите што ги имал тенисерот поради тоа што не е вакциниран против корона-вирусот, победата на Вимблдон…Синиша тогаш верувал дека може да се спаси. Дури имал и планови да оди да гледа некој меч на Болоња, но и да пропатува до Лондон кај неговиот пријател Антонио Конте“, пишува Монари за последната средба на Михајловиќ со Ѓоковиќ.