Македонија денеска ќе го игра историскиот прв меч на големо натпреварување, против Финска на ЕП од 17.30 часот, а капитенот Никола Ѓоргиев вели дека одбојкарите ќе сторат сè со победа да ги почнат натпреварите во „Стожице“, Љубљана.
„Првпат играме на Европско првенство и ждрепката сакаше да играме премиерен меч со Финска, селекција со која никогаш не сме играле досега. Ова за нас е голем натпревар, историја и секако ќе победиме“, изјави Ѓоргиев.
Македонија ќе игра уште и со Белорусија, Труција, со актуелниот европски првак Русија и со домаќинот Словенија.
Финците ни се прв ривал, а имаат многу солидно педигре во европската, па и светската одбојка. Од 2006 година до лани беа постојани учесници на Светската лига, и тоа 12 пати по ред, а играа и на двете последни Светски првенства.
Ова ќе им биде седмо учество по ред на Европските првенства, а блеснаа во 2007 година, кога ја почнаа серијата редовни настапи со пласман на четвртата позиција.
Капитенот на Финците, Еми Тервапорти, го потенцира токму Ѓоргиев како мозок на составот на Македонија.
„Гледавме неколку натпревари на Македонците и јасно е дека главен адут им е капитенот. Преку него одат 60 отсто од акциите на нашиот прв ривал на првенството и ќе мора да се внимаваме на него. Нас нè интересира само нашата игра и ако бидеме на препознатливо ниво, очекувам победа“, вели одбојкарот на францускиот првак Турс.
Во Финска одбојката е еден од главните спортови, особено со подемот во оваа деценија, а се најавува присуство на околу 2 000 нивни симпатизери во салата „Стожице“, каде што ќе се играат натпреварите од групата Ц на ЕП.
Според распоредот, утре ќе играме против Турција, задутре со Русија, па следува еден ден пауза, па меч против Белорусите и за крај на натпреварите во првата фаза и дуел со домаќинот Словенија на 17 септември.
Комплетната понуда за обложување на Европското одбојкарско првенство може да ја најдете на Sport Life.