Николов: Барди е херој и ќе го преброди вирусот, заедно со него ќе „гинеме“ на теренот

Бобан Николов верува дека македонската репрезентација максимално подготвена ќе се појави на претстојното Европско првенство. Она што намерува нашиот играч за врска е да ја направи нацијата повторно горда на Македонија, а се надева дека тимот ќе биде комплетен до 13 јуни.

„Тренираме двапати дневно, се подготвуваме максимално, а добро е што подолго време ќе бидеме заедно и имаме можност да работиме на сите сегменти. Прво имаме подготвителен натпревар со Словенија, а потоа продолжуваме со планот во најсилен состав да се појавиме на Европското првенство. Се надевам и посакувам сите здрави да го дочекаме првенството бидејќи видовте што се случи вчера со Енис. Барди е херој и знам дека ќе го преброди вирусот, па заедно со него да „гинеме“ на теренот за Македонија. Што се однесува до менталната спремност, таа е на високо ниво. Сакаме уште еднаш да ја направиме горда македонската нација, да докажеме дека заслужено сме на ЕП“, вели Николов.

Фудбалерот на Лече му одговори на австрискиот капитен, Јулијан Баумгартлингер, кој посочи дека Македонија за Австрија е лесен противник за добар почеток на континенталниот турнир.

„Знаеме да се носиме со притисокот, повеќе пати сме покажале дека имаме карактер. Оваа генерација е веќе шест години заедно и можеме да се носиме со секаков предизвик. Сметам дека целиот Балкан ќе навива за нас, а нам ни останува да ги направиме сите горди. Слушнав, капитенот на Австрија истакна дека ние сме им лесен противник за добар старт на Европското, а ние тоа го зедовме како мотив да им се реваншираме за поразот од 2-1 на нивно тло, така што на 13 јуни ќе видиме кој кого ќе победи“, заврши Николов.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести