Николов и Шишковски со Борац Бања Лука првпат оваа сезона загубија во Конференциската лига

Екипата на Борац Бања Лука, за која настапуваат нашите Бобан Николов и Дамјан Шишковски, го доживеа првиот пораз оваа сезона во Конференциската лига. Шампионот на Босна и Херцеговина загуби на гостувањето кај исландскиот Викингур со 2-0.

Победникот на мечот во Рејкјавик беше решен уште во првиот дел од првото полувреме, откако домашните преку Хансен во 17-тата и Гунарсон во 23-тата минута дојдоа до убедлива предност од 2-0, која на крајот се покажа како доволна за победа.

Бобан Николов беше стартер и одигра 69 минути за Борац Бања Лука, додека голманот Дамјан Шишковски остана на клупата за резерви и не доби шанса за настап.

Сепак, и покрај поразот, Борац Бања Лука добро котира на табелата бидејќи има четири бода и се наоѓа во зоната која носи пласман во следната рунда.

- Оглас -

Најнови вести