Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар од денеска и официјално е без својот најдобар фудбалер од пролетниот дел од сезоната, Роџерс Мато, кој замина во Хартс.
Челниците на Вардар не остават ништо на случајноста и денеска веќе открија дека нови играчи се репрезентативецот Дарко Велковски и српскиот интернационалец Стефан Цветковиќ.
Претседателот на Вардар, Миленко Неделковски, попладнево активира нова „бомба“, најавувајќи две нови засилувања во текот на следната недела. Црвено-црниот дрес треба да го облече некогашниот репрезентативец Бобан Николов и Аргентинецот Хоакин Торес. Аргентинецот има 28 години и игра како офанзивен фудбалер.
„Боби Николов од среда му се приклучува на клубот. Утре ќе земе раскин на договор и патува за Скопје. Торес утре патува за Скопје, во понеделник ќе биде со нас. Следниот петок доаѓаат неговата сопруга, која е адвокат, и менаџерот“, открива Неделковски, додавајќи дека двајцата ќе пристигнат како слободни играчи без да се плати никаква оштета.

