Ништо ново: Блесок на Харден, триумф за Хјустон

Хјустон рокитс славеше во непријатното гостување кај Феникс санс со 118:110. Гостите од Тексас мораа добро да се намачат да издвојат победа против една од послабите екипи сезонава, но благодарение на Џејмс Харден успеаја да го издржат притисокот.

Домаќините парираа до полувремето, а потоа Хјустон додаде гас и во третата четвртина стигна до највисоката предност од +20 поени. Феникс и во последните 12 минути се обидуваше да се врати во игра, но на крајот Ракетите ја остварија 31-вата победа сезонава.

Харден блескаше со 44 поени, во учинокот додаде и шест асистенции и осум скока, а за него ова е веќе 27-ми натпревар во низа на кој постигнува барем 30 поени. Пол придонесе со 18 поени, додека кај поразените со 25 поени беше најефикасен Џош Џексон.

 

Милвоки ја продолжи серијата победи на четири меча во низа, откако со победа се врати од гостувањето во Бруклин кај Нетс со 113:98. Бакси на тој начин го задржаа првото место во Источната конференција, запишувајќи ја вкупно 39-тата овосезонска победа.

Јанис Адетокумбо го предводеше Милвоки со двоен учинок од 30 поени и 15 скока, а „грик фрик“ имаше помош од Брогдон со 16 поени. Во таборот на Бруклин најрасположен беше Расел со 18 поени и пет асистенции.

Резултати НБА:

Феникс санс – Хјустон рокитс 110:118

Бруклин нетс – Милвоки бакс 98:113

Детроит пистонс – Денвер нагетс 129:103

Вашингтон визардс – Атланта хокс 129:137

Њу Орлеанс пеликанс  – Индијана пејсерс 107:109

Сакраменто кингс – Сан Антониот спарс 127:112

- Оглас -

Најнови вести