Голден стејт без мнгоу проблеми победи на гостувањето кај Мемфис со 118:103 и стигна до 51-тата победа во 74-тиот меч сезонава во НБА-лигата. „Воините“ имаа предност од пет поени во пресрет на последната четвртина, но за да нема неизвесност, последните 12 минути ги добија со 10 поени предност.
Речиси перфектен меч одигра Кевин Дурант. Ѕвездата на Голден стејт мечот го заврши со 28 поени, а погоди 12 од вкупно 13 упатени шутеви. Одличен беше и Стеф Кари со 28 поени и 10 скока.
Меч за памтење имаше и Девин Букер. Бекот на Феникс постави НБА-рекорд откако стана најмладиот играч во историјата кој успеал на два меча по ред да постигне барем 50 поени. Откако на претходниот меч даде 59 поени, Букер утрово постигна 50 поени, но неговиот тим загуби од Вашингтон со три разлика. Букер има само 22 години.
Резултати: Чикаго – Портланд 98:118, Мемфис – Голден стејт 103:118, Оклахома – Индијана 107:99, Феникс – Вашингтон 121:124, Јута – ЛА лејкерс 115:100.