Се случи невозможното – Швајцарија по хрватски рецепт се врати од 1:3 до 3:3 и продолженија против Франција (Видео)

Швајцарија го репризира хрватскиот рецепт против Шпанија и со два гола во финишот на мечот против светските прваци, Французите, успеа од 1:3 да стигне до 3:3 и до продолженија за пласман во четвртфиналето на ЕП.

Сценариото е речиси исто, а јунаци на Швајцарците се Харис Сеферовиќ со вториот гол во 81-вата минута, со кој намали на 2:3, и потоа Гаврановиќ со погодок во 90-тата минута за 3:3.

Ќе се играат продолженија од двапати по 15 минути, во нов фантастичен меч на ЕП денеска.

Франција беше на прагот на победа откако го искористи одличниот период 18 минути и со три гола од 57-мата до 75-тата минута успеа да направи пресврт и од нокдаун да стигне на прагот да ја нокаутира Швајцарија.

Одлуката на Дидие Дешамп по долга пауза да го врати Карим Бензема во репрезентацијата, уште еднаш се покажа како вистински потег, а напаѓачот на Реал Мадрид со два гола во 57-мата и во 59-тата минута направи пресврт.

Франција потоа го искористи моментот и со погодокот на Пол Погба во 75-тата минута зголеми на 3:1, а Швајцарците сепак се надминаа и се изборија за дополнителни 30 минути.

Водеа со голот на Харис Сефереовиќ во 15-тата минута, а потоа во клучниот момент, во 54-тата минута промашија пенал за 2:0. Рикардо Родригес не успеа да го надмудри Љорис, голманот на Франција му го одбрани ударот од 11 метри и потоа им се случи брз потоп на Швајцарците.

Примија три гола за 18 минути, но храбрата игра во финишот ги доведе и до прагот на сензација што ќе треба да ја реализираат во продолженија, или можеби и на пенали.

Франција или Швајцарија ќе играат со Шпанија во дербито на четвртфиналните дуели на ЕП, откако Црвената фурија претходно денеска ја победи Хрватска со 5:3 по две продолженија.

- Оглас -

Најнови вести