Третото коло во Голд купот ги даде сите четвртфиналисти на првенството кое е организирано за селекциите кои се дел од Северна Америка, Централна Америка и Карибите. Ноќеска се одиграа четири мечеви и на сите четири беше возбудливо со многу голови.
Со обложувачки речник, сите четири мечеви завршија со гол-гол 4+, но и гол-гол на полувреме.
Во најдраматичниот меч, Гватемала со 3:2 славеше над Гвадалупа и на крајот како првопласирана заврши во групата. Гвадалупа водеше со 1:0 и 2:1, но Гватемала успеваше да се врати и на крајот да направи комплетен пресврт. Гвадалупа имаше шанси да израмни на 3:3, но промаши пенал во 88-мата минута.
Канада ја правда фаворитската улога против Куба и победи со 4:2, па стигна до второто место во групата во која лидер е Гватемала.
Дури 10 погодоци имаше на дуелот меѓу Костарика и Мартиник, а на крајот беше 6:4 за Костарика. По првиот дел беше 2:1 за Костарика, која потоа поведе и со 5:1, но Мартиник не се предаде, стигна до 5:3, а во завршницата двете селекции постигнаа уште по еден гол. Со оваа победа Костарика стигна до 4 бода и заврши пред Мартиник, кој остана на три бода.
Панама не успеа да биде перфектна во групата и одигра 2:2 против Салвадор во меч кој не решаваше многу. По комплетирање на групната фаза, познати се и четвртфиналните дуели.