Имињата на номинираните за Златната топка за 2025 година ќе бидат објавени на 7 август, објавија од магазинот „Франс фудбал“, кој заедно со УЕФА се организатори на најстариот избор на фудбалер на годината во Европа.
Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи во Театарот Шале во Париз на 22 септември.
Во 2024 година наградата ја освои Шпанецот Родри од Манчестер сити. Годинава прв фаворит е Усман Дембеле од ПСЖ, но нема да биде изненадување ако повеќе гласови од новинарите добие некој од играчите на Барселона, Ламин Јамал или Рафиња.
Сепак, пред нас е Светско клупско првенство и можно е да има некое изненадување, па да се појави и друг сериозен кандидат од типот на Килијан Мбапе или Мо Салах.
Ќе се доделуваат 13 награди, и тоа: Златната топка, трофејот Копа за најдобар млад играч, трофејот „Јашин“ за најдобар голман, трофејот „Герд Милер“ за најдобар стрелец за клуб/репрезентација, трофејот „Јохан Кројф“ за најдобар тренер на клуб/репрезентација, клуб на годината. За сите овие ќе има признанија и во машка и во женска конкуренција, а тука е и наградата Сократес за добротворни акции.