Ракометната репрезентација на Франција го доживеа и вториот пораз на Летните олимписки игри кои се одржуваат во Париз. Откако во првото коло „триколорите“ загубија од Данска со убедливи 37-29, вечерва се поразени и од Норвешка со 27-22.
Франција после две кола е на дното од групата Б со нула бодови и во следните три меча веќе нема да имаат право на кикс против Аргентина, Египет и Унгарија, ако сакаат да обезбедат пласман во четвртфиналето на Олимпијадата чии домаќини се.
Норвежаните вечерва сосема заслужено дојдоа до победата, откако имаа предност во текот на целиот меч. Уште на стартот дојдоа во водство од 6-2, предност која порасна и на +7 во финишот од првото полувреме, но Франција успеа да намали и да замине на паузата со негатива од 16-11.
Во второто полувреме слична слика на теренот. Франција се обидуваше, но никако не успеваше да намали на помалку од три гола негатива, а Норвешка неколкупати доаѓаше и до водство од +6.
Во оваа група, Данска минимално со 30-27 го совлада Египет, додека во групата А, Шпанија загуби од Шведска со 29-26.