Никола Јокиќ продолжи со феноменалните игри во НБА-лигата и овојпат беше најзаслужен за убедливата победа на Денвер против Јута од 135:112. Иако играше малку помалку од 29 минути, Јокиќ успеа да оствари одличен учинок од 14 поени, 13 скока и 13 асистенции, односно да реализира уште еден трипл-дабл.
Интересно е дека Јокиќ го комплетира трипл-даблот на почетокот од третата четвртина, по малку повеќе од 20 минути поминати на теренот. За него ова е 14-ти трипл-дабл сезонава, а вкупно 179-ти во кариерата. Во историјата на НБА-лигата само двајца кошаркари имаат остварено повеќе трипл-дабл мечеви, а тоа се Оскар Робертсон (181) и Расел Вестбрук (207).
Од играта на теренот, фуриозно започна Денвер уште на стартот, кога поведе со 19:0, а по првата четвртина водеше со 25 поени предност (40:15), па уште тогаш беше јасно кој ќе победи.
Од седумте натпревари кои ноќеска се играа во НБА-лигата, на шест победија домаќините. Единствено Детроит успеа да се радува на гости, и тоа кај Портланд, победувајќи со 110:102. Во останатите мечеви постигнати се следните резултати: Кливленд – Шарлот 139:132, Бостон – Индијана 103:95, Њу Орлеанс – Далас 119:113, Оклахома – Мемфис 119:103, Голден Стејт – Орландо 120:97.

