Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа и третиот пораз на исто толку натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство 2026. Нашите ракометарки загубија од најголемиот аутсајдер во нашата група, Белгија, со 26-25 на гостински терен.
Македонија беше подобар противник речиси во текот на целиот натпревар, имавме и предност од +4 кон средината на второто полувреме, но лошиот финиш ни донесе ново разочарување.
Јована Кипријановска со седум гола беше најрасположена во составот на Македонија, но Муниа Смитс со 11 гола беше убедливо најдобра на паркетот во Хаселт.
Македонија е последна во квалификациската група без бодови во конкуренција на Германија, Словенија и Белгија.
Шанса за прва победа овој циклус ќе имаме веќе во сабота, кога во Куманово ја пречекуваме селекцијата на Белгија.
Последната победа за македонските ракометарки на официјален меч беше на седми април 2024 година, кога ја совладавме Литванија со 34-24 и од тогаш, речиси две години чекаме на нов триумф.

