По повеќе од два месеци пауза, в четврток треба да се донес еконечната одлука за тоа дали ќе продолжат мечевите во италијанската Серија А. Речиси сите се уверени дека првенството ќе продолжи како што тоа веќе е во Германија, а се подготвува фудбалот за брзо време да се врати и во Шпанија, Англија, но и во голем број на земји во Европа.
Во Италија е направен протокол за тренинзите и за однесување за време на мечевите и сите се сложни дека нема да има проблем да се почитуваат зададените мерки за безбедност. Министерот за спорт во Италија веќе потврди дека во опција се два датуми за тоа кога би можело повторно да започнат дуелите од Серија А.
Првиот термин е 13 јуни, а ако до тогаш не биде се „под конец“, мечевите треба да започнат една недела подоцна односно на 20 јуни. До крајот на првенството треба да се одиграат уште 214 натпревари.
Синдикатот на фудбалери (АИЦ) побара сите дуели да се играат во термините од 18:30 и 21 часот, а да се отфрли играњето во термин од 16:30 часот затоа што во јуни и јули во попладневните часови е многу топло и нема услови за играње фудбал, па затоа вечерните термини треба да бидат како опција за играње.
„Играњето во 16:30 часот по најголемата жештина во јуни и јули е неприфатливо. Претседателите на клубовите треба да се грижат за здравјето и безбедноста на фудбалерите, а не само за сопствените права на преносите и рејтинзите“, реагираше претседателот на АИЦ, Умберто Калкањо.