Кога играат Панатинаикос и Олимпијакос, не може да помине еден мирно дерби, посебно кога се работи за кошаркарскиот терен. Гигантите на грчката кошарка вечерва играа во полуфиналето од Купот на земјата, но средбата не се доигра.
Олимпијакос имаше повеќе мотив за победа бидејќи „црвено-белите“ две години немаат трофеј. Сепак, на теренот не беше како што посакуваа играчите на Олимпијакос. По првите 20 минути, ПАО имаше предност од 40:25, а кога се чекаше да започне второто полувреме, се случи скандал.
Кошаркарите и стручниот штаб на Олимпијакос едноставно не се појавија на теренот, а образложението беше дека тие протестираат поради судиските грешки кои биле направени во првиот дел. Посебно тие потенцираат на фактот дека во првите 28 секунди од мечот, судиите досудија три лични грешки за играчите на Олимпијакос и тоа веднаш создаде многу нервоза.
„Згрозени сме. Не можеме ова веќе да го поднесеме. Спортските власти мора нешто да преземат“, стои во реакцијата на Олимпијакос.
Според пропозициите, Панатинаикос е победник на дуелот и ќе игра во финалето против ПАОК.