11.8 C
Skopje
четврток, 4 декември 2025

Нов удар за Реал, Трент ќе паузира околу два месеца

Стравувањата за сериозна повреда на Трент Александер-Арнолд се претворија во непријатна реалност откако стана јасно дека тој има скинат мускул на левиот квадрицепс. Утрово фудбалерот на Реал Мадрид направил магнетна резонанца во Валдебебас, која ја потврдила тешката дијагноза: ќе отсуствува од терените околу два месеца, јавува „АС“.

Добрата вест е дека Едуардо Камавинга има само полесен проблем.

Поранешниот фудбалер на Ливерпул сам се повреди за време на дуелот против Атлетик Билбао.

Новата повреда ќе го примора Трент Александер-Арнолд да ги пропушти натпреварите против Селта (7 декември), Манчестер сити (10 декември), Алавес (14 декември) и Севиља (20 декември). Најверојатно нема да игра ниту во јануари: против Бетис, Атлетико, Леванте, Монако, Виљареал и Бенфика, како и во натпреварите од Суперкупот на Шпанија (7–11 јануари).

Англискиот репрезентативец ја започна сезоната со проблеми бидејќи уште во јули мораше да прекине тренинзи една недела поради мускулни тегоби што му ја попречија нормалната претсезонска подготовка. Подоцна, на 16 септември, доби мускулна повреда на феморалниот бицепс, поради која паузираше 31 ден (шест натпревари) и повторно ја забави неговата интеграција во тимот.

Сега останува да се види како Чаби Алонсо ќе го реши проблемот на десен бек, каде што исто така не може да смета ниту на повредениот Даниел Карвахал. Против Атлетик тој го искористи Раул Асенсио, но Федерико Валверде повторно е повеќе од реална опција за оваа позиција.

Во меѓувреме, стана јасно дека Камавинга има само лесно истегнување на глуждот на левата нога, што се смета за контролирана и не многу загрижувачка повреда. Неговиот настап в недела против Селта е неизвесен, но се очекува да биде подготвен за дуелот со Манчестер сити во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести