По драматичниот натпревар меѓу Монако и Фенербахче кој беше решен во продолжението од пет минути, слично сценарио имаше и во Барселона каде исто така славеше гостинот.
Олимпијакос по триумфот од 77:75 поведе со 1-0 во победи во четвртфиналната серија која се игра кој прв до три триумфи.
Интересно е што во четирите дуели во плејофот, само актуелниот шампион Реал Мадрид славеше на домашен терен, додека на останатите мечеви подобри беа гостите.
Олимпијакос првото полувреме го доби со 35:44, а во третата четвртина имаше и плус 13 (47:60), но Барселона успеа да се врати во игра и во финишот, на една минута до крајот по поените на Рики Рубио дојде до минус три (72:75), но немаше сили за целосен пресврт. Ларенцакис со поените од линијата за слободни фрлања на 35 секунди до крајот ги реши дилемите околу победникот.
Вилијамс-Гос со 15 поени беше најпрецизен кај грчкиот тим, додека кај Барселона, Вили Ернангомес даде 13 поени.