Нова магична партија за Кварацкелија, подобар старт во Серија А од Грузиецот имаат само Роналдо и Милито

Екипата на Наполи оствари убедлив триумф од 4:0 над Сасуоло во рамки на 12-то коло во Серија А и ја зголеми предноста на табелата пред конкурентите.

Наполи сега има 32 бода, шест повеќе од Милан кој својот натпревар против Торино ќе го одигра утре.

Дуелот на „Диего Марадона“ стадионот во Неапол повторно помина во знакот на Квича Кварацкелија кој продолжува да соборува рекорди. Грузиецот во убедливиот триумф над Сасуоло учествуваше со еден гол и две асистенции, додека три пати во листата на стрелци се запиша Виктор Осимен и тоа е негов прв хет-трик во кариерата.

Кварацкелија по 12 кола во Серија А има учинок од шест гола и пет асистенции и подобар дебитантски старт од него во италијанската најсилна лига имаат само Диего Милито со 15 гола и асистенции и Кристијано Роналдо со 12 гола и асистенции.

Победата ја најави Осимен уште во четвртата минута по асистенцијата на Грузиецот, а истите актери во 19-тата минута се погрижија да биде 2:0 на семафорот. До крајот на првиот дел, и Кварацкелија се запиша во листата на стрелци, а конечниот резултат го постави Осимен во 77-та минута.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 56 минута на местото на Пјотр Зиелински.

- Оглас -

Најнови вести