И покрај тоа што многу сакаше да си замине од Пари Сен Жермен, Нејмар мораше да се помири со тоа дека и оваа сезона ќе го носи дресот на францускиот првак. Кога веќе мора да игра за Светците, Бразилецот реши да го прави тоа што најдобро го знае – да постигнува голови.
Втор меч по ред Нејмар е во дресот на ПСЖ во новата сезона и вторпат носи голема радост за неговите соиграчи. Откако во претходното коло со „ножички“ во 90+2 минута донесе победа од 1:0 во дуелот со Стразбур. Нејмар вечерва на гостувањето кај Олимпик Лион изведе нова магија.
При резултат 0:0, се играше 87-мата минута, кога топката дојде до Нејмар. Бразилецот беше свртен со грб кон противничкиот гол и опкружен со тројца играчи на Лион. Сепак, тоа не му пречеше да успее да најде начин како да го совлада голманот на домаќините и да му донесе триумф на ПСЖ.