15.8 C
Skopje
четврток, 16 октомври 2025

Нова ВАР-револуција: Тренерите ќе може да побараат прегледување на ВАР-снимка (Видео)

Воведувањето на ВАР-системот дефинитивно го промени фудбалот. Со дозволувањето на технологијата да се „вмеша“ во фудбалот, многу работи се променија. Многумина сметаат дека судиите сега имаат полесна задача и помала е можноста да се направи грешка, но не ретко има тренери кои не се задоволни од одредени одлуки.

Затоа уште се прават измени во ВАР-правилото. На Светското првенство за играчи до 20 години кое се одржува сега се прави тестирање на новитетот, а тоа е тренерите да може да побараат прегледување на одредени ситуации.

Во полуфиналето меѓу Мароко и Франција, за првпат се случи еден селектор да го употреби новото правило кое се тестира на ова натпреварување. Тренерот на Мароко со син картон сигнализираше до главниот судија да прегледа една ситуација во која тој сметаше дека може да има пенал за неговиот тим.

Како всушност функционира новото тест-правило:

  • Секој тренер добива две „картички за проверка“ на почетокот од натпреварот.
  • Кога тренерот смета дека судијата донел погрешна одлука (или не досудил нешто), тој може да ја употреби картичката и да реагира до судијата за дополнителна проверка.
  • Доколку по прегледувањето на видеото одлуката се промени во корист на тренерот, тој ја задржува својата картичка и може повторно да ја користи.
  • Ако првичната одлука на судијата остане, тренерот губи една од своите картички.

Ова значи дека тренерите мора да бидат многу внимателни кога одлучуваат да му се жалат на судијата.

Дуелот меѓу Франција и Мароко за играчи до 20 години заврши 1:1, а на пенали фудбалерите на африканската репрезентација беа подобри и се изборија за место во финалето, каде што ќе играат против Аргентина. За третото место ќе се сретнат Колумбија и Франција.

- Оглас -

Најнови вести