Нови детали од „фараонскиот договор“ на Лионел Меси со Барселона излегоа на виделина. Во договорот имало и клаузула за лојалност, во која стои дека ако Меси реши да си замине по истекот на договорот кој важи до 30 јуни, Барса на 15 јули ќе треба да му се „заблагодари за досегашната верност“ со исплаќање 38.964.977 евра. Условот за да ги земе овие пари бил Меси да остане во Барса до 1 февруари 2020 година.
Откако се објави во јавност дека Аргентинецот за четири години ќе ја чини Барселона вртоглави 555 милиони евра, сега се анализираат нови интересни детали. Клаузулата за лојалност вредна 66 милиони евра треба да се плати на две рати, првата на 31 март, втората две недели по истекот на договорот.
Меси и Барселона најавија тужби за излегувањето во јавноста на договорот, кој во шпанските медиуми стана познат како „фараонски“.
Барселона е во финансиска криза, клубот објави дека има долгови од 1,3 милијарди евра, но не се кажува дека Меси е заслужен за една третина од приходите на Барселона. Присуството на Меси е од непроценливо спортско и финансиско значење за Барса и затоа претседателските кандидати ќе се обидат со сите сили да го задржат и после 30-ти јуни.