Спортинг Лисабон информира дека Манчестер јунајтед се согласил да плати отштета од 10 милиони евра за тренерот Рубен Аморим, што значи дека веќе нема дилеми кој ќе биде новиот менаџер на англискиот гигант.
Аморим, кој е некогашен фудбалер на Бенфика и ексрепрезентативец (одигра 14 меча за А тимот на Португалија), има 39 години, а ова му е седма сезона како тренер. Започна во Каса Пија, од каде што премина во Брага, а од 2020 е во Спортинг Лисабон.
Вечерашниот меч од Лига купот помеѓу Спортинг и Насионал ќе му биде последен на Аморим како тренер на Лавовите од Лисабон. Неговото деби на клупата на Јунајтед се очекува в недела, во премиерлигашкото дерби против Челзи.
Има фанови на Манчестер кои не се воодушевени од изборот на раководството околу наследникот на Ерик тен Хаг, кој доби отказ по серијата лоши резултати. Во септември 2021 година, во меч од Лигата на шампионите, Тен Хаг како тренер на Ајакс среде Лисабон го има поразено Спортинг на Аморим со 5-1.