Англискиот премиерлигаш Њукасл за сега е еден од најголемите губитници на летниот трансфер период. Клубот учесник во Лигата на шампиони и освојувач на англискиот Лига куп, сакаше да донесе големо засилување во нападот, но Уго Ектике го избра Ливерпул. Потоа целосно се фокусираа на Бењамин Шешко, но словенечкиот напаѓач посака само трансфер во Манчестер јунајтед каде и потпиша.
Првиот напаѓач на тимот, Александер Исак, не тренира со соиграчите и бара трансфер во Ливерпул. Клубот панично се обидува да доведе нов централен напаѓач, но засега нема успех.
Во позадина на сите овие проблеми, Њукасл успеа да заврши важен трансфер за одбраната и доцна синоќа обезбеди потпис на нов играч.
Според англиските медиуми, Њукасл се договори за трансферот на дефанзивецот Малик Чау од Милан.
Германскиот фудбалер се согласи да ја продолжи кариерата во Премиер лигата, а Росонерите ќе добијат 40 милиони евра како обештетување, 35 милиони веднаш и уште 5 милиони преку бонуси.
Чау пристигна во Милан во август 2022 година од Шалке. За клубот одигра 85 средби и постигна еден гол.