Англискиот премиерлигаш Њукасл планира до крајот на зимскиот преоден рок да се засили со тројца фудбалери на Челзи и за тоа е подготвен да потроши 100 милиони евра, пишува весникот „Телеграф“.
Њукасл, кој минатото лето беше купен од државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, кој е под директна надлежност на престолонаследникот Мохамед бин Салман, моментно се наоѓа на третото место на табелата во Премиер лигата и сака дополнително да се засили за да може да се бори со Арсенал и Манчестер сити за титулата.
Поради тоа, менаџерот на Чавките, Еди Хау, побара од управата да се обиде да ги купи Конор Галагер, Рубен Лофтус-Чик и Хаким Зијех.
Весникот пишува дека Њукасл за трансферите на тројцата фудбалери на Челзи е подготвен да издвои 100 милиони евра, сума која Сините пред неколку дена ја потрошија за трансферот на Михајло Мудрик од Шахтар.
Галагер минатата сезона одигра одлично како позајмен играч во Кристал палас, но сезонава одигра само 648 минути за Сините во Премиер лигата. Галагер е проценет на 32 милиони евра.
Лофтус-Чик и сезонава има проблеми со повредите, а Зијех сака да си оди од „Стемфорд бриџ“ бидејќи не е задоволен од минутажата.