Њукасл и Астон вила постигнаа комплетен договор околу трансферот на Џејкоб Ремзи на „Сент Џејмс парк“, објави „Скај спортс“. Чавките ќе платат фиксна сума од 39 милиони фунти за играчот од средниот ред, а дополнителни 4 милиони се предвидени како бонуси.
Според информациите, фудбалерот ќе патува уште вечерва за да ги помине медицинските прегледи во петок, по што ќе потпише петгодишен договор.
Џејкоб Ремзи ќе биде второто летно засилување на Њукасл по Ентони Еланга, кој пристигна од Нотингам форест.
Астон вила не сакаше да се раздели со фудбалерот, но сериозните проблеми поврзани со финансискиот ферплеј ја наметнаа потребата да продаде еден од највлијателните играчи во тимот.
За Њукасл, оваа зделка доаѓа во момент кога продолжуваат проблемите околу иднината на Александер Исак, кој и натаму тренира одделно од екипата и одбива повторно да игра за клубот.