Откако минатата година поради пандемијата не ја додели „Златната топка“, овојпат „Франс фудбал“ ќе ги прогласи најдобрите во светот на фудбалот за 2021 година. Церемонијата ќе се одржи на 29-ти ноември, а денеска беше објавена листата на кандидати за ценетото признание.
Во претходните три прогласувања, тројца различни фудбалери ја примаа наградата, а победникот од 2019 година, Лионел Меси, и годинава е топ фаворит. Меси има шест златни топки во кариерата, и можеби својот рекорд ќе го зголеми на седум.
Освен Меси, во кругот на најсериозни кандидати за фудбалер на годината се и Роберт Левандовски и Жоржињо. Полјакот лани требаше да победи, но церемонијата не се одржа, а и годинава е одличен во постигнувањето голови, но му фалат значајни трофеи. Пехари има Италијанецот Жоржињо кој годинава ги освои Лигата на шампионите и Европското првенство.
На листата на кандидати за „Златна топка“, освен Меси, Левандовски и Жоржињо, се уште: Ријад Марез, Нголо Канте, Ерлинг Халанд, Леонардо Бонучи, Мејсон Маунт, Хари Кејн, Џанлуиџи Донарума, Карим Бензема, Рахим Стерлинг, Николо Барела, Сезар Аспиликуета, Ромелу Лукаку, Лаутаро Мартинес, Лука Модриќ, Џорџо Кјелини, Кевин Де Бројне, Рубен Дијаш, Фил Фоден, Кристијано Роналдо, Бруно Фернандеш, Килијан Мбапе, Нејмар, Симон Кјаер, Џерард Морено, Педри, Мохамед Салах и Луис Суарес.
„Франс фудбал“ ќе додели награди и за најдобар млад играч до 21 година, најдобар голман, и најдобра фудбалерка.