Луис Хамилтон и Макс Ферстапен, двајцата главни фаворити за титулата во Формула 1, не ја завршија последната трка на патеката „Монца“. Двајцата најбрзи возачи имаа меѓусебен судир, по кој неславно ја завршија трката за големата награда на Италија.
Инцидентот беше застрашувачки затоа што болидот на Ферстапен буквално отиде врз болидот на Хамилтон. Актуелниот светски првак остана неповреден само благодарение на безбедносниот додаток наречен хало, кој ја заштити главата на Британецот.
Од Формула 1 синоќа пуштија ново видео од целиот инцидент, и тоа од 360 степени камера монтирана на болидите. Од оваа снимка најдобро се гледа како Хамилтон можеше и смртно да настрада доколку го немаше безбедносниот додаток наречен хало.
Од Ф1 одлучија дека Ферстапен е виновен за инцидентот и затоа е казнет со три места на следната трка која ќе се вози во Сочи.