Два меча од деветото коло во фудбалската лига на Македонија се играат денеска и тоа со почеток од 15 часот. Во исто време ќе започнат и натпреварите од Втора лига, што значи дека попладнево ќе има многу возбудувања на фудбалските терени низ Македонија.
Брера во Струмица е домаќин на Башкими во дуел на две екики кои се на средината од табелата, додека во Струга ќе се игра дербито на дното меѓу Шкупи и Работнички. Стадионот на Шкупи во Чаир е суспендиран, па затоа мечот против скопскиот ривал ќе се игра во Струга. Шкупи е единствениот тим кој уште нема освоено ниту еден бод сезонава и реди само порази.
Работнички не е многу подобар од Шкупи. Романтичарите се претпоследни на табелата со само четири освоени бодови. Шкупи се надева на првите бодови сезонава, додека за Работнички ова е меч на кој треба да покажат дека имаат поквалитетен состав и дека може да избегаат од опасната зона за испаѓање.
Во Втора лига ќе се одиграат седум меча, а посебно интересно ќе биде во Охрид каде ќе гостува лидерот Брегалница. Во останатите денешни мечеви ќе играат: Саса – Тетекс, Преспа – Новаци, Скопје – Вардар (Н), Г. Коњари – Кожуф, Детонит – Победа и Слога (В) – Осогово. Утре ќе се комплетира ова коло со мечот меѓу Беласица – Шкендија (А).