Првпат сезонава синоќа во Премиер лигата еден меч беше одложен поради корона-вирусот откако Манчестер сити пријави дека нема да отпатува во Ливерпул на дуел против Евертон. Од гостинскиот тим наведоа дека имаат голем број заразени фудбалери и официјално побараа дуелот да не се одигра во предвидениот термин, а челниците на лигата тоа го дозволија.
Од Евертон беа разочарани поради оваа одлука и најавија дека ќе бараат детално објаснување зошто натпреварот беше одложен.
„Нашите фудбалери беа подготвени и сè беше подготвено на Гудисон парк за нормално одигрување на дуелот. Ова требаше да биде важен меч. Ќе бараме детално објаснување на сите информации кои од Сити ги доставиле до Премиер лигата за да добијат одложување на средбата. Мора да знаеме зошто е донесена таква одлука“, стои во реакцијата од Евертон.
По 15 одиграни меча, Евертон има 29 бода и е на третото место на табелата, додека Сити има 26 бода од 14 средби. Евертон моментно е во најдобра форма од сите премиерлигаши и има четири победи во низа. Засега не се знае кога треба да се одигра одложениот дуел.