Од МВР порачаа: Нема групно следење на дуелот Македонија – Косово!

Пандемијата со корона-вирусот е виновникот поради кој македонската фудбалска репрезентација најважниот меч во досегашната историја ќе го игра пред празни трибини. Нашите фудбалери ќе бидат без поддршка од навивачите, но тоа не треба да е проблем да се победи Косово во полуфиналето од плејофот за пласман на Европско првенство.

Покрај тоа што нема да има гледачи на трибините, од Министерството за внатрешни работи испратија соопштение во кое се информира јавноста дека се преземени сите потребни мерки за беспрекорна организација на мечот. Од МВП потсетија дека нема да смее да се организира и групно следење на мечот затоа што тоа не го дозволува донесениот здравствен протокол.

„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека се преземени сите потребни мерки за беспрекорна организација и одигрување на фудбалскиот натпревар од полуфиналето од Лигата на нациите помеѓу фудбалските репрезентации на Северна Македонија и Косово на 8 октомври, на Националната арена ’Тодор Проески’ во Скопје. МВР, во рамките на своите надлежности, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија и другите надлежни органи постапува по однос на обезбедување на сигурноста на учесниците. Преземени се сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста на фудбалерите и другите учесници од пристигнувањето во Скопје, за време на натпреварот и по одигрувањето на мечот.

Министерството за внатрешни работи, исто така, ја информира јавноста дека во соработка со здравствените власти се преземени сите потребни мерки за почитување на протоколите за заштита од ширење на ковид – 19.

Воедно, уште еднаш ги информираме граѓаните дека согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Одлуките на Владата, не е дозволено присуство на публика на натпреварот. Апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот. Само со почитување на протоколите за заштита од ширење на ковид 19 ќе помогнеме за што побрзо нормализирање на состојбата.

До навивачките групи, со кои поголем дел од Секторите за внатрешни работи, односно Отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир затоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано“, стои во соопштението на МВР.

- Оглас -

Најнови вести