Од расположението на Рони зависи кој ќе биде светски шампион

Рони О`Саливен е фаворит против Кајрен Вилсон во финалето на Светското првенство во снукер, кое почнува попладнево во 14.30 часот и ќе трае во четири сесии, до утревечер кога ќе добие новиот шампион. Ракетата, како што го викаат најпопуларниот снукер играч во историјата, има шанса по шести пат да стане првак и да се изедначи со легендите Стив Дејвис и Реј Рирдон, кои доминираа во овој спорт во 80-тите односно 70-тите години.

О`Саливен од 2014 наваму не играл финале, тогаш загуби од Марк Селби на кого му беше прва титула, а истото може да му се случи и годинава ако го потцени противникот. Вилсон првпат ќе игра финале во „Крусибл театарот“, но не е без шанси. Тој во четвртфиналето го елиминираше светскиот број 1 и лански светски шампион, Џад Трамп, и покажа дека може да биде опасен кога игра без притисок. Вилсон имаше многу поголема мака во полуфиналето кога важеше за фаворит.

Победникот освојува и одлична парична награда од 500.000 фунти. Финалето се игра во 18 добиени фрејмови, а ако 44-годишниот Рони стане првак, ќе биде најстар шампион од 1978 наваму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести