Од Црна Гора стигна потврда дека фудбал ќе се игра, во Македонија уште е енигма

Фудбалското првенство на Црна Гора ќе продолжи со натпреварување на 1 јуни, соопштија од Федерацијата на оваа земја. Освен натпреварувањето во Првата лига, ќе продолжат и мечевите во Втора лига, Младинската лига, Кадетската лига, Женската лига, како и Првенството во футсал.

Според планот, крајот на сезоната, односно одигрувањето на 36-те кола треба да се случи на 19 јули.

„Според еден таков план, Федерацијата навремено ќе може на УЕФА да ѝ ги достави учесниците во квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Доколку УЕФА донесе план за да може подоцна да се достават имињата на клубовите кои ќе бидат дел од европските мечеви, тогаш ќе имаме поголема пауза меѓу две кола“, стои во дел од соопштението во кое стои и одлуката да се продолжи фудбалот во Црна Гора.

Од вчера официјално се знае дека ќе продолжат и фудбалските првенства на Хрватска и на Србија, а се најавува дека ќе има завршеток и на шампионатите во Словенија и Босна и Херцеговина. Засега, од земјите од поранешна СФРЈ, само кај нас нема никаква одлука за тоа дали ќе продолжи првенството кое пред прекинот за лидер го имаше најтрофејниот клуб во Македонија, Вардар.

- Оглас -

Најнови вести