Од убаво, поубаво – Сабири велемајсторски одигра со петица, магот Квалјарела мајсторски ја „црпна“ во голот на Фиорентина (Видео)

Велемајсторска беше акцијата на Абделхамид Сабири и на Фабио Квалјарела за вториот гол на Сампдорија во победата од 4:1 против Фиорентина, вечерва на „Мараси“ во меч од претпоследното коло во Серија А.

Германскиот интернационалец Сабири одигра велемајсторски со петица кон Квалјарела, а капитенот на Сампдорија со мајсторски лоб удар го изненади и совлада Терачијано.

Прекрасната акција во 30. минута и донесе сигурна предност од 2:0 на Сампдорија и можете да ја погледнете ОВДЕ.

Претходно во 16. минута Алекс Ферари ја погоди мрежата на гостите од Фиренца и најави победа на домаќините, а убедливата победа ја потврдија Торсби со гол во 71. минута и Сабири со прецизен удар во 84. минута.

Почесниот гол за гостите го постигна Николас Гонзалес од пенал во 89. минута.

Сампдорија се проби на 15. место со 36 бода, а поразот може скапо да ја чини Фиорентина. Виолетовите со 59 бода останаа на седмото место кое води во Конференциската лига на УЕФА, а со победа можеа да ја прескокнат Рома и да се израмнат со Лацио на позиции кои водат во Европа Лигата.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести