Илајиш Мориба Курума е 18-годишниот тинејџер кој летово одби да го продолжи договорот со Барселона, иако каталонскиот гигант имаше големи планови со овој талент. Мориба уште како 15-годишно момче блесна во младинскиот тим на Барселона, кога во дербито против Реал Мадрид У15 постигна хет-трик, а посебно впечатлив беше погодокот од половина терен на почетокот на вториот дел.
Барселона го вклучи Мориба во првиот тим и му даде шанса да заигра со големите ѕвезди. На 6 март оваа година, Мориба го даде и првиот гол во Примера дивисион во победата од 2:0 против Осасуна и со тоа стана петтиот најмлад стрелец во историјата на каталонскиот гигант, зад Ансу Фати, Бојан Кркиќ, Лионел Меси и Педри.
Манчестер сити и Јувентус покажаа интерес за Мориба, а тинејџерот тоа го искористи да побара вртоглава сума за негов нов договор со Барселона. Откако му беа одбиени условите, а Мориба не го прифати понуденото од Барселона, се случи нешто неочекувано.
Мориба беше продаден во германскиот Лајпциг за сума од 16 милиони евра, а тоа не значеше и крај на проблемите за тинејџерот.
Талентот не се снајде најдобро и сезонава одигра само три меча, и тоа вкупно 49 минути за Лајпциг. Мориба играше 28 минути во Лигата на шампионите, 11 минути во Бундеслигата и 10 минути во Купот на Германија.
Лајпциг во осминафиналето на Купот едвај со 1:0 го победи четвртолигашот Бабелсберг, а Мориба во игра влезе како резерва во последните 10 минути. Едноставно, тинејџерот кој пред неколку месеци требаше да биде иднината на Барселона, сега не може да се избори за место во стартниот тим против четвртолигаш.