Одбојкарската репрезентација на Македонија утре го започнува настапот на третиот, воедно и последен турнир од групната фаза на Европската златна лига. Последните два меча се играат во Осиек, а противници на Македонија ќе ѝ бидат домаќинот Хрватска и селекцијата на Шпанија.
Селекторот Хари Наковски е задоволен од прикажаното во Белгија и очекува добрата игра да се повтори и во Хрватска.
„По добрата игра против Азербејџан и Белгија, овде во Хрватска сакаме да останеме на исто ниво или да го подобриме. Ми се допадна како изгледавме против Белгијците, нивото може да го кренеме, а доколку биде така, се надевам на уште подобар резултат“, вели селекторот, Хари Наковски.
Позитивно расположение има и кај еден од најискусните во нашата репрезентација, Владо Милев.
„Во Хрватска ќе го одработиме првиот тренинг. Очекувам да прикажеме добра игра како на турнирот во Белгија. Мислам дека имаме квалитет да им се спротивставиме и на Хрватска и на Шпанија, очекувам барем една победа, а зошто да не ја изненадиме и Хрватска“, вели Милев.
Дуелот против Хрватска ќе се одигра утре, со почеток во 19 часот, додека против Шпанија играме во сабота, исто во 19 часот.