Македонската машка одбојкарска репрезентација вечерва од 20.15 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје стартува со нова сезона во Европската Сребрена лига и нова надеж дека конечно ќе го освоиме пехарот.
Македонскиот состав има нов селектор, има мини-смена на генерации, влегува во периодот за подготовка за најголемиот одбојкарски настан кај нас кога било – Европското првенство во 2023-та, а Босна и Херцеговина е прв противник во тој долг процес.
„Немаме многу информации, тие не играа контролни средби, но добра репрезентација се, и ние треба да дадеме се од себе за да одиграме добро. Ние ја гледаме нашата игра и најпрво ќе секонцентрираме на тоа што ние го работиме“ – вели селекторот Ратко Павличевиќ.
За разлика од квалификацискиот двомеч пред 16 месеци, кај нас ги нема примачот Љафтов, центарот Николов и либерото Ангеловски, а тоа е можност новите сили да преземат одговорност и да ја искористат шансата.
Селектор на Босанците е Душко Николиќ, кој до неодамна беше македонски селектор и добро ги познава нашите одбојкари.