Анализата на одборот на судии потврдила дека голот кој Вардар го постигна за 1-1 на гостувањето кај Воска спорт викендов бил регуларен. Од Воска самоволно го напуштија теренот во знак на протест и сега ги чека тешка казна.
„Одборот на судии во рамкитр на Фудбалската федерација на Македонија остануваат цврсто посветени на транспарентноста и отчетноста како основни вредности во работењето со единствена цел – развој на фудбалски систем базиран на ферплеј, објективност и професионалност.
Потврдивме дека секој натпревар од Првата МФЛ се анализира со највисоко ниво на внимание од страна на контролорите на судење, како и од стручните тела на ФФМ, со што се обезбедува квалитетна и фер евалуација на судиските перформанси.
Во врска со натпреварот од 28-мото коло помеѓу ФК Шкупи и ФК Силекс истакнуваме дека при израмнувачкиот погодок за гостинската екипа во 62-рата минута постои прекршување на Правилата, иако ситуацијата е технички исклучително комплексна за проценка, но видеоанализата укажува дека голот не требало да биде признаен поради офсајд прекршок од напаѓачот кој со минимален дел од телото е понапред од топката. Одговорноста за ваквата погрешна проценка на вториот помошен судија е препознаена и од контролорот на натпреварот, Горан Спирковски од Прилеп, со негативна оцена од 7,9.
Истовремено, на натпреварот меѓу ФК Воска и ФК Вардар, кој беше прекинат во 76-тата минута поради напуштање на теренот од страна на домашната екипа, посочуваме дека реакцијата беше заснована врз субјективно доживеан момент.
Видеоматеријалите од посочениот момент при постигнувањето на израмнувачкиот погодок за гостинската екипа не потврдуваат никакво прекршување на Правилата на фудбалската игра, ниту нивна погрешна интерпретација и според тоа, одлуката на судијата не може да биде оценета како погрешна проценка. Одлуката на ФК Воска да го напушти теренот претставува сериозен преседан, непрофесионален и крајно неодговорен чин, кој е во спротивност со духот на спортот, основните фудбалски принципи и ферплеј-вредностите кои ги застапуваме. Фудбалската игра подразбира почитување на процесите, институциите и правилата на играта, дури и во моменти на несогласување. Со самоволно прекинување на натпревар во професионално натпреварување како Прва МФЛ се испраќа порака која не е добредојдена ниту на теренот, ниту надвор од него. Ваквиот однос мора јасно и недвосмислено да биде санкциониран.
Контролорскиот извештај за овој натпревар од страна на контролорот Џенан Хајдари од Скопје е со оценка 8,4 за целиот судиски тим.
Изминатиот викенд бевме сведоци и на реакција од страна на ФК Гостивар за дуелот со Струга Трим Љум. Станува збор за момент во 85-тата минута при резултат 0:1 за Гостивар. Во споменатиот момент не е направена никаква материјална повреда на натпреварот од страна на судиската четворка.
Контролорскиот извештај на контролорот Илиевски Зоранчо од Битола е со највисока оценка 8,5 за главниот судија и вториот асистент, а првиот асистент и четвртиот се оценети со 8,4 кои без ниту една грешка го водеа натпреварот.
Судиските одлуки, како и секаде во свето,т се подложни на човечки фактор и можни ненамерни грешки. Она што е клучно е дека тие се предмет на системска анализа и се третираат со максимална сериозност. Исто така, не смееме да го игнорираме бројот на прецизни и исклучително тешки одлуки кои судиите ги носат успешно, што директно придонесува за регуларноста на натпреварите.
Апелираме до сите фудбалски чинители, клубовите, играчите, навивачите и медиумите да го почитуваат процесот и да ги поддржат напорите за подобрување на судењето преку конструктивен дијалог, а не преку избрзани заклучоци и јавен притисок.
Одборот на судии во рамките на Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи да работи транспарентно и одговорно, а секоја погрешна судиска проценка ќе биде третирана соодветно во рамките на процедурите. Единствено со принципиелност и истрајност може да изградиме здраво и фер фудбалско опкружување“, објавија од ФФМ.