Одлична вест: Симаниќ иако остана без бубрег, дефинитивно ја продолжува кариерата

Кошаркарската репрезентација на Србија го освои второто место на Светското првенство кое заврши пред 15-тина дена, а најголем херој на нашиот северен сосед беше Бориша Симаниќ, кој остана без бубрег и не можеше да им помогне на соиграчите во битката за титулата.

Тој во дуелот со Јужен Судан доби незгоден удар од поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Нуни Омот, по што веднаш бил пренесен во болница во Манила ,Филипини, каде што подоцна бил опериран.

Иако според српските медиуми животот му висел на конец и преживеа само поради брзата реакција на хирурзите кои морале да му го отстранат бубрегот, сега неговиот агент Мишко Ражнатовиќ подели прекрасна вест на социјалните мрежи.

Тој се фотографира со Симаниќ и откри дека кошаркаркот иако остана без бубрег, ќе ја продолжи кариерата.

„Прва посета на Бориша на нашата агенција откако ја доживеа една на најтешките повреди. И покрај тоа, состанокот беше како и самиот кошаркар, преполн со позитивна енергија, со планови за закрепнување, а најмногу од сè со насмевки, желба и верба дека доаѓаат нови предизвици на кошаркарските терени. Исто како што покажа и во Манила со испраќање на мотивациски пораки на соиграчите, и тоа од болничкиот кревет, денеска Бориша го покажа големиот карактер кој знае дека нема препреки на патот кон успехот“, напиша Ражнатовиќ на социјалните мрежи по средбата со Симаниќ.

 

- Оглас -

Најнови вести